Македонија 17. ноември 2020. / 07:30

Одново пробиен црниот рекорд: 40 починати од Ковид-19 во еден ден

Одново пробиен црниот рекорд: 40 починати од Ковид-19 во еден ден

За едно деноноќие починати 40 заразени со ковид 19. Ова е највисок број на починати од почетокот на епидемијата.

Министерството за здравство информираше дека 10 од починатите се пациенти од Скопје. По Скопје, најмногу починати пациенти брои Прилеп, за 24 часа, петмина прилепчани влегоа во црните статистики.

Битола,Штип, Велес, и Гостивар регистрираа по три нови жртви, по двајца починати има во Струга, Кавадарци, Куманово и Кичево и по една загубена битка за живот има во Струмица,Тетово, Крушево, Гевгелија и во Свети Николе.

Од нив еден пациент е починат вон, останатите се починати во болнички услови.

Со вчерашната најцрна ковид-статистика, вкупната број на починати од новиот вирус во земјата изнесува 1.345 лица.

Во однос на бројките на починати од коронавирус, министерот Филипче во синоќешното гостување на телевизија Сител рече дека се пратат сите земји во регионот, а тој е во секојдневна комуникација со колегите од Албанија, Косово, Србија, Бугарија, Грција.

-Ги анализиравме починатите минатата недела. Кај нас имаше околу 160 починати, во Бугарија имаше близу 500, во БиХ околу 350. Исто така, во Словенија над 200 починати, во Хрватска близу 300. Едноставно, станува збор за болест којашто е многу непредвидлива, однесе многу животи, изјави Филипче.

Истакна дека болничките капацитетите сé повеќе се исполнуваат, во инфективните одделенија во здравствените установи кои третираат ковид пациенти.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски бара од Владата денешниот 17.ноември да го прогласи за Ден на жалост.

Во битка со Ковид-19 влегоа и 591 ново лице, но од 1.683 тестирани.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 47.636, бројката на оздравени пациенти е 27.803, а бројот на активни случаи изнесува 18.488.

Одлуката на Комисијата за заразни болести по вчерашниот состанок е дека не е време за воведување на нови рестриктивни мерки за заштита од вирусот Ковид-19.

Остануваат во сила истите мерки – забрана за работата на угостителски објекти после 21 часот, групирање на не повеќе од четири лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори. Од Комисијата бараат доследно почитување на наведените мерки.