Македонија 02. април 2020. / 12:55

Тоталитаристичка весела математика: Од кои пари СДСМ ќе ги обесштетува граѓаните?!

Тоталитаристичка весела математика: Од кои пари СДСМ ќе ги обесштетува граѓаните?!

Во време кога во цела Европска унија се апелира за „Повеќе Европа, а не помалку“, во Македонија се случува токму обратното. Основата на пораката е дека вонредната состојба и мерки не можат да ја зацврстуваат власта во однос на граѓаните, нешто што претставува реалност во поголемиот број држави-членки на Унијата.

Во моменти кога во Република Македонија за првпат во нејзината историја, без разлика дали ќе ја сметате од 1944 или 1991 година, е прогласена вонредна состојба, чиј единствен контролор може да биде Уставниот суд со сомнителни институционални способности и квалитети, владејачкиот СДСМ бескрупулозно го враќа тоталитаризмот на политичката и целата општествена сцена. И токму со елементарниот постулат-партијата е држава, државата е партијата. А, партијата, тоа сум јас како нејзин лидер!

Доволно е само да се проследат реакциите на портпаролот и соопштението на партијата по донесувањето на вториот сет економски мерки за справување со последиците од кризата со корона вирусот. Притоа, евидентно е дека не се прави никаква разлика меѓу партијата и државата, па на моменти се доаѓа до апсурдна ситуација, особено кога се прави невешт обид за мало диференцирање.

На страна тоа што, на пример, во соопштението партијата го поддржува пакетот на Владата, вреден 200 милиони евра, и го поздравува фактот што се усвоени голем број мерки, што они ги предложиле. Зашто, веднаш следува демантот-Обезбедуваме финансиска поддршка за исплата на платите на…

Или, што би рекол портпаролот Костадин Костадинов-Обезбедуваме финансиска поддршка за исплата на платите на погодените работници… За веднаш потоа да додаде-За граѓаните, кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа…

Во бескрупулозната злоупотреба на вонредната ситуација за исполнување пропагандни партиски цели на пазарот на гласови, СДСМ едноставно се поистоветува со државата! Впрочем, за партијата наследничка на КПМ/СКМ тоталитаризмот се покажува како непремостлива ментална матрица.

Од кои пари владејачкиот СДСМ обезбедува финансиска поддршка? Од парите собрани како партиска членарина, од парите што ги добива како донација за избори од приватните фирми, од парите што законски ги добива според бројот на освоени гласови на изборите, од приватните пари на нивните државни и локални избрани или именувани функционери? Или од пари од буџетот на државата, што го полнат сите даночни обврзници-граѓани на Република Македонија?

Одговорот е едноставен, но тој изгледа се уште не е стигнат до менталниот склоп на експонентите на СДСМ.