Македонија 16. февруари 2020. / 12:55

Тензично во Собранието, прогласена пауза откако Законот за ЈО беше гласан на два пати

Тензично во Собранието, прогласена пауза откако Законот за ЈО беше гласан на два пати

Доста тензично започна 135 седница на Собранието на Република Македонија на која пратениците требаше да се произнесат, односно само да гласаат, по предлогот на Законот за ЈО како и за Советот на јавни обинители.

Гласањето по првата точка започна со тоа што во првичното гласање 74 гласаа беа „за“, а против „32“. Претседателот на Собранието рече дека гласањето ќе биде повторено, по што мораше да даде процедурално на пратеничката Лилјана Поповска која и пред гласањето беше пријавена за процедурално.

Таа во своето обраќање кажа дека ова е нејзино последно обраќање во Собранието и дека повеќе нема да се кандидира за пратеник, а во поглед на Законот за ЈО дека очекувала пристојна политичка дебата меѓутоа наишла на една многу тензична атмосфера и дијаметрално спротивни ставови па изрази жалење што законот не се носи заедно меѓу сите пратеници.

– Мислете на Македонија и македонскиот народ на секоја одлука која во иднина ќе ја донесете, порача Поповска.

Процедурално за збор се јави и пратеникот Ферид Мухиќ, кој што објасни зошто Договорот од Преспа не е прекршен, одговарајќи на сите обвинувања што во текот на дебатата, изминатите денови, ја имаше пратеникот Илија Димовски дека договорот од Преспа е прекршен поради тоа што тој треба да се спроведе во наредниот период при отврањаето на секое поглавје и тогаш да доаѓа и до промена на уставното име.

По двете процедурални забелешки, претседателот на Собранието повторно го стави на гласање Законот за ЈО. Се произнесоа 80 пратеници „за“, а пет беа „против“ по што настана тензична атмосфера, по која координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски бараше да се јави процедурално дека претседателот на Собранието не му дозволил пред гласањето процедурално да се произнесе.

– На првото гласање вие повикавте да се гласа. Пратениците гласаа. Од 113 присутни , 74 гласаа „за“, 32 „против“ согласно закон ова гласање не е донесено. Барам првото гласање да констатирате дека не е успешно гласањето и ова законско решение, така како што гласаа пратениците, по ваш повик, не е донесено. Од тука натаму сето тоа што го направивте е кршење на деловник, кршење на Устав, истакна Мицевски.

Притоа, тој ги обвини пратениците и претседателот на Собранието, Талат Џафери дека ја продолжуваат практиката од моментот на почнување со работа на овој деветти по ред парламентарен состав и потоа побара пауза од 1 час. Побара од Џафери и првото гласање да го признае како важечко, а да не важи второто гласање.

Во тек е пауза до 14 часот.