Македонија 02. ноември 2020. / 23:45

Тензично во Берлин: Се бара компромис помеѓу Скопје и Софија

Тензично во Берлин: Се бара компромис помеѓу Скопје и Софија

Во Берлин бурно попладне и вечер на состанокот меѓу македонскиот министерски двоец Димитров-Османи и шефицата на бугарската дипломатија Захариева со посредство на германските министри за надворешни работи и за Европа, Мас и Рот, велат извори на „360 степени“. Се бара решение за бугарските позиции во однос на предлог-преговарачката рамка што ја изготви токму германското претседателство со Советот на ЕУ.

Во фокусот е именувањето на јазикот во Рамката, но и во другите документи на ЕУ во иднина. Според нашите извори, се бара начин како да се задоволат позициите на двете страни – македонската, која не отстапува од именувањето на јазикот како македонски и никако поинаку и бугарската, за која македонскиот јазик е писмено регионална норма на бугарскиот.

Наводно на маса е компромис кој и Скопје и Софија може да го сметаат за прифатлив и кој ќе го отвори патот кон одржување на првата меѓувладина конференција ЕУ-Северна Македонија во декември.

Нема многу време за договор, бидејќи веќе идниот вторник, на 10-ти ноември, министерите за европски прашања на земјите членки на ЕУ треба да разговараат и да ја усвојат Преговарачката рамка за земјава. Бугарски медиуми вечерва јавија дека премиерот Борисов ја пратил Захариева во Берлин со тврди позиции за Северна Македонија.

Извор: 360 степени