Македонија 13. август 2019. / 18:48

Телефонски разговор Заев-Хан: Целосно и неселективно расчистување на сите случаи на висока корупција

Телефонски разговор Заев-Хан: Целосно и неселективно расчистување на сите случаи на висока корупција

Вчера попладне премиерот Зоран Заев имал телефонски разговор со комесарот на ЕУ за преговори, добрососедство и проширување, Јоханес Хан, информираат од Влада.

Во текот на разговорот премиерот Заев го информирал еврокомесарот Хан за напорите и мерките кои Владата активно и интензивно ги презема за борба против корупцијата и организираниот криминал, вклучувајќи го и случајот „Рекет“.

Премиерот Заев ја потврдил цврстата одлучност на Владата за целосно и неселективно расчистување на сите случаи на висока корупција уверувајќи го комесарот Хан дека се создадени услови за институциите од судството и обвинителството активно и непречено да се борат против криминалот и корупцијата, соопштуваат од Влада.

Премиерот Заев и комесарот Хан се согласија дека институциите на системот се должни во брза и ефикасна постапка да ги расчистат актуелните случаи, но и без одлагање да ги процесуираат предметите кои произлегуваат од незаконското прислушување од минатото.

Премиерот Заев и комесарот Хан, исто така заклучиле дека мора да продолжат напорите на политичките партии за усвојување на Законот за јавно обвинителство, како и дека заедничка цел на сите политички фактори треба да биде позитивна одлука за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија во октомври оваа година.