Македонија 10. ноември 2019. / 17:43

Текстилните работници на протест: И ние имаме право на живот

Текстилните работници на протест: И ние имаме право на живот

По неколку децении злоупотреба и кршење на работничките права денес текстилните работнички се собраа на протест. Ова е првпат по независноста на државата и пропаста на некогашните текстилни гиганти тие јавно да побараат достоинствени плати и почитување на Законот. Не ги прифаќаат барањата за зголемување на работното време. Сакаат крај на самоволието и ерата во која добивале отказ поради тоа што барале К-15 или седеле заклучени во халите додека не се заврши нарачката, пишува 24.мк.

Дел од текстилните работнички излегле на протест не затоа што се жалат на лоши услови за работа, но стравуваат дека ако се зголеми работното време, тие ќе мора да си дадат отказ. Велат тешко е да се издржи и сега над машина, особено затоа што најголемиот дел од работниците се средовечни.

Од Граѓанскиот сектор се задоволни од присутните на протестот. Поддршка добија и од други невладини организации, кои бараат почитување на работничките права.

Денешниот протест почна како иронична шега за поддршка на газдите, но заврши со сериозни барања, како право на годишен одмор, повисоки плати, одмор за време на празници, активен инспекторат.

Револтот на работничките го предизвикаа последните барања на Кластерот за текстил кои освен зголемување на работното време од Владата побараа да се работи на државни празници за континуитет на производството, замрзнување на придонесите, и повторно поврзување на нормираниот учинок со минималната плата.