Двасетина локални бизнисмени и Координативниот совет за дистрибуција на помош во салата на Советот на општина Гостивар на состанок дојдоа до заклучок дека на социјално загрозените семејства и медицинските лица во општината им се потребни прехранбени продукти, хигиенски препрати, заштитни средства и електронска опрема.
– Заинтересираните компании можат да купат продукти и да подготват пакети со храна за возрасни, бебиња, со хигиенска опрема и слични производи во вредност од 20 евра. Тоа би ги задоволило основните потреби на четиричлено семејство за две недели. Пакетите треба да се достават во Црвениот крст каде веќе има список на лица на кои оваа помош им е непоходна – соопшти градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.
Тој напомена дека добредојдена би била и помош во раквици, маски и скафандери за гостиварската болница.
Недостигот од соодветна опрема за следење на „он лајн“ наставата се појавува како проблем, истакнуваат од општинскиот сектор за образование.
– Од направените анализи и податоци што се доставени до нас, околу 900 ученици во средните и основните училишта немаат можност да ја следат наставата. Тие потекнуваат од сиромашни семејства и немаат соодветен уред како, лап топ, таблет, компјутер или паметен телефон преку кој би се поврзале – изјави одговорната за образование во општина Гостивар, Аслијан Снопче.
Од Координативниот совет за дистрибуција на помош соопштија дека компаниите треба сами да ги купат производите и да ги достават во седиштето на Црвениот Крст или во општата болница.
– За да бидеме поефикасни, ќе ја дистрибуираме и спецификацијата за содржината на пакетите што ја направија од Црвениот крст. На овој начин ќе се набават неопходните работи и донациите ќе ја постигнат целта. Засега има потреба од набавка на производи за подготовка на три вида семејни пакети: за прехрана, хигиена и бебешки пакети. На тој начин загорезените нема да излегуваат и на тој начин да се изложат на ризик и себе и другите – изјави Љуљзим Хазири, координатор на Советот за дистрибуција на помош.
Од локалната самоуправа, најавија дека вакви средби ќе има и во наредниве денови, за, како што беше кажано, да се поттикне хуманоста и на најдобар начин да се искористат донациите.