ДУИ нема да успее да обезбеди повеќе гласови во вториот круг од претседателските избори, а СДСМ ќе доживее фијаско на следните парламентарни избори, смета генералниот секретар на Алијаса за Албанците, Арбен Таравари.
Во интервју за „Пресинг ТВ“ тој вели дека разочараноста кај граѓаните е голема и дека затоа излезноста била ниска, а владејачката коалиција изгубила голем број гласови во првиот круг. Останува на ставот дека нема да има политички пазар за гласовите кои ги доби Блерим Река и дека гласачите треба да одлучат по сопствено убедување кого ќе поддржат. Доколку има предвремени парламентарни избори Таравари остава простор за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
И СДСМ и ДУИ ги казнија гласачите Албанци. На парламентарните Заев доби 50 000 до 60 00 Албанци гласачи. Сега заедно СДСМ, ДУИ и сателите околу ДУИ што се ситни албански партии не добија 40 000 гласови. Заев кажа дека е најпопуларен политичар меѓу Албанците, а сега излезе дека Блерим Река доби два пати повеќе гласови од Заев. Река заедно со Касами и Села. По трендот по кој се оди со секојдневни афери, со непотизам, со разно разни однесувања кои асоцираат на стариот режим, СДСМ ќе има фијаско и дебакл на следните избори. Сега ако овие бројки од првиот круг ги гледаме како резултати на парламентарни би биле 54 пратеници само ВМРО-ДПМНЕ, 54 пратеници СДСМ со сите партии и 12 Алијанса и БЕСА“, вели Таравари.
Скептик е дека ќе се постигне цензусот во вториот круг од претседателските избори.
Не очекувам да има цензус. Би сакал да има успешни избори и да избереме претседател. Кај Албанците мотивираноста се покажа каква е. Сега ќе направат напори ДУИ, оти бројките им се катастрофални. Нема да успеат ништо повеќе, дури и помалку ќе имаат, освен ако им дадат да гласаат брзо како за референдумот во Зајас за еден час 200 луѓе, тогаш ќе има поголем број“, вели Таравари.