Дописничката на МИА од Брисел изнесе шокантни тврдења, според кои на неа од ЕПП и кажале дека ВМРО-ДПМНЕ би можела да биде исклучена од своето европско семејство доколку продоложи да се однесува неконструктивно кон Преспанскиот Договор.
– ЕПП, Европската Народна Партија, е најголемата и највлијателната политичка група во Европската Унија, во неа членуваат речиси сите демохристијански партии од земјите членки на ЕУ и земјите кандидати. Извори во оваа партија, велат дека однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предизвикала голем гнев кај највисоките челници на ЕПП -пишува Милевска за МИА.
Милевска додава дека Во неделата, претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, телефонски разговарал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Дол на “крајно недипломатски и на строг начин“ го предупредил Мицковски дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не дозволи демократска дебата за усвојувањето на Преспанскиот Договор, партијата “ќе мора целосно да ја сноси одговорноста за сите последици со кои ќе се соочи земјата“.
-Дипломатите во Брисел стравуваат дека без Преспанскиот Договор, Македонија ќе биде изолирана, политички и економски и дека со соочува со сериозен ризик од демократско назадување. Челници на ЕПП му ставиле до знаење на Мицковски дека една од можните последици со кои се соочува ВМРО-ДПМНЕ е исклучување од редовите на нивното европско семејство.- пишува Милевска.
Еврокомесарот Јоханес Хан, кој е исто така од редовите на ЕПП, вчера во интервју за австрискиот весник „Стандард“ изрази загриженост за информациите дека ВМРО-ДПМНЕ ги заплашува и им се заканува на пратениците кои би сакале да гласаат за уставните амандмани.
-Членовите на ЕПП одбиваат јавно да коментираат, единствена реакција беше твит на претседателот Дол во понеделникот вечер во кој тој изрази разочарување за неконструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ. Според изворите на МИА во ЕПП, Мицковски не влегол во конфликт со ЕПП, но бил целосно затворен и “длабоко заробен“, велат од оваа партија. Ниту пораките од ЕПП, ниту оние на Ангела Меркел или Себастијан Курц немале никаков ефект врз лидерот на најголемата опозициска партија.-пишува Милевска.
На крајот Милевска констатира дека, и покрај острите критики од Европската Комисија во минатото за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЕПП никогаш до сега јавно не изразила разочарување и несогласување со својата сестринска партија во Македонија.