Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, го потпишал решението за свикување на Конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Таа ќе се одржи 4 август, вторник, со почеток во 12 часот.
Со оглед на новонастанатата состојба со пандемијата Ковид-19 и во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од корона вирусот.
На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.
Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието на Република Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема.