Македонија 28. јули 2020. / 11:51

Талат Џафери е во болница – Нема кој да ја свика првата собраниска седница

Талат Џафери е во болница – Нема кој да ја свика првата собраниска седница

Најдоцна до 4 август претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја свика конститутивната седница на новио парламентарен состав. Тој се уште е актуелен собраниски спикер и ја има задачата да ја свика седницата. Сепак, дали нејзиното одржување ја проблематизира здравствена состојба на Џафери.

Талат Џафери е негативен на коронавирусот, но е на Инфективна клиника со белодробен наод. Според собранискиот деловник тој може и да ја свика седницата односно да го потпише решението, а да не преседава со неа. Во таков случај таа улога ќе има најстариот новоизбран пратеник од актуелниот нов парламентарен состав, а тоа е Стојан Миланов.

Според член 9 од деловникот на Собранието, доколку првата седница не ја свика претседателот, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10,00 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник, ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница – пишува во собранискиот деловник.

Само уште една недела останува до денот кога истекува рокот од 20 дена, рок по одржувањето на парламентарните избори во кој треба да се свика конститутивната седница. Веднаш по изборите, а кога Џафери уште не беше во болница тој изјавуваше дека секако седницата ќе биде во деновите пред крајниот рок – односно по Илинден

Инаку Џафери требаше да ја предводи делегацијата во Крушево на централната манифестација за одбележување на Илинден. Не е јасно дали ќе може да присуствува.