Ако Владата достави законски измени за понатамошно кратење на трошоците на пратениците, ќе предложам сите во Владата да се откажат од службените возила и секаде да одат со тротинет, изјави на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери.
Според него, за пратениците треба да се обезбедат услови за работи и да се има предвид дека доаѓаат од различни места во државата.
-Очекувам да не добијам таков предлог од Владата, а поединечно не очекувам некој да се откаже од тоа право што е регулирано со Уставот. Ако добијам таков предлог од Владата, јас ќе поднесам предлог сите да се откажат од службените возила и да одат на работа со тротинет. Па, ќе направиме карикатура од државата. Или ќе правиме држава или ќе си поигруваме со популистички политики кои ни носат дневни поени, рече Џафери.