Македонија 12. септември 2018. / 20:33

Тачи го демантира Заев: Ситуацијата на Косово не влијае на Македонија

Тачи го демантира Заев: Ситуацијата на Косово не влијае на Македонија

Премиерот Зоран Заев, на митингот вчера во Велес изјави дека се плашел за нашата држава, поради тоа што се случува на северот од нас, мислејќи на односите помеѓу Косово и Србија и можната размена на територии. Од друга страна, денеска, претседателот на Косово Хашим Тачи, јасно му порача дека ќе направи се, со Србија да се постигне договор и дека територијалниот интегритет на соседните држави ќе биде почитуван.

Заев, од митнгот во Велес вчера индиректно се закани дека доколку државата не влезе во НАТО можна е дестабилизација, бидејќи како што вели тој Балканот во минатото знаел да биде бомбастичен.

„Балканот и во минатото знаел да биде динамичен, знаел да биде бунтовен, но знаел да биде и бомбастичен, го гледате пак се разбуричкува некако, сите веќе знаеме што се случува на северот од нас. Како претседател на владата ги имам сите информации, должност е тоа на службите и домашни и регионални, јас се плашам за нашата земја и имам право да се плашам, оставена од татковци и од дедовци оваа грутка земја треба да си ја обезбедиме, треба да ја осигураме“, кажа Заев од Велес.

Тачи, денеска го извести Заев дека ќе вложат напори да се постигне договор за реципрочно признавање со Србија и дека во тој процес територијалниот интегритет на соседните земји ќе биде почитуван.

„Ќе биде многу тешко да се постигне договор меѓу Косово и Србија. Но доколку се постигне, ќе биде во европски дух, ќе се сочува мултиетничноста на Косово, целосно ќе се координира со ЕУ и со САД, соседните пријателски земји ќе се чувствуваат комотни. Косово го почитува територијалниот интегритет на сите земји, вклучувајќи ги Македонија, Црна Гора и Албанија, но со Србија прашањето е специфично. Треба да се заврши демаркацијата на 430 километри од границата. Ова ќе биде комплексен процес, ќе има тешки дебати, одбиеи одлуки, но тоа е единствениот пат по кој треба да се движиме како лидери на Косово и на Србија“, изјави Тачи.

Премиерот Заев ги поздрави напорите низ дијалог да се најде решение меѓу Косово и Србија. Сите лидери во регионот, вели, треба да останат обединети околу заедничките цели: траен мир, економски развој, регионална соработка и членство во ЕУ.

„Среќен сум што претседателот на Косово како вистински претставник на земја пријател дојде да не охрабри и да не смири, односно да испрати порака до граѓаните на РМ дека низ дијалог се обидуваат да постигнат решение за проблемот меѓу Белград и Приштина, а решението ќе биде безбедно, грижливо и пријателско кон РМ и кон целиот регион“, рече Заев.