Од вчера се примаат ковид-пациенти во поранешните хирурушки амбуланти на Струмичката болница, кои се преадаптирани откако се исполнија капацитетите на Инфективното одделение, информира директорот на таа јавна здравствена установа, д-р Наќе Гогов.
Според него, Инфективното одделение е веќе полно и таму се лекуваат 15 пациенти со полесна клиничка слика, додека тие со потешка се пренесуваат во Скопје.
На Инфективното одделение има вкупно 25 кревети, но заради протоколите таму можат да се лекуваат само 15 пациенти, колку што има сега. Во новиот оддел се примени пет пациенти со полесна клиничка слика, а на располагање имаме вкупно 12 кревети, вели директорот Гогов.
Досегашните хируршки амбуланти се префрлени во новиот болнички крак, а доколку бројката на заболени почне енормно да расте, тогаш раководството на болницата планира да се адаптираат простории, исто така во новата болница.
Повеќе денови Струмица бележеше двоцифрен број нови случаи на заразени од Ковид-19, а во последните два дена по пет.
Од почетокот на пандемијата на територијата на Центарот за јавно здравје има регистрирани 303 лица заразени со коронавирус, од кои активни се 169.