Македонија 03. октомври 2019. / 14:13

Стратешкиот тим на Мицкоски не е влада во сенка на ВМРО-ДПМНЕ

Стратешкиот тим на Мицкоски не е влада во сенка на ВМРО-ДПМНЕ

Денеска промовираниот стратешки тим на Христијан Мицкоски не е влада во сенка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата за Лидер.

Презентираните стратешки соработници на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ претставуваат една нова форма, ново поглавје во делувањето, ново тело кое што во иднина ќе се проширува.

Овој тим на надпартиски професионалци, исклучителни имиња во своето поле на делување, го препознава моментот во Република Македонија и активно ќе учествува со нивните исклучителни знаења и умеења кон неопходната Обнова на Македонија, потенцират од ВМРО-ДПМНЕ.

Стратешкиот тим на Мицкоски засега го сочинуваат Гордана Силјановска Давкова, Сашко Кедев, Владимир Дуковски, Хозе Караско, Игор Дурловски, Влатко Гигов, Јанко Баждавела, Борко Ристовски, Сања Божиновска, Ака Махмут, Лазар Јовески, Зоран Марков, Гоце Наумовски, Гоце Андреевски, Коста Митревски… Меѓу имињата се препознаваат како лица со, но и без поголемо политичко искуство.

Од осамостојувањето на Република Македонија до денес никако не заживеа институтот влада во сенка. И тие малку обиди, што ги имаше само во најава, беа пресекувани уште на самиот старт со лични дисквалификации од страна на политичките опоненти, без разлика која од водечките партии била на власт во дадениот момент. Речиси идентична слика имаше и во внатрепартиските односи, каде пак тешко се формираше, а уште потешко задржуваше било какво фракционерско делување.