Македонија 06. септември 2018. / 15:51

Столтенберг: Членството во НАТО без прифаќање на договорот со Грција е илузија

Столтенберг: Членството во НАТО без прифаќање на договорот со Грција е илузија

Или „да“ на Договорот за името и „да“ на референдумот или НАТО. Да се отфрли Договорот за името, а да се очекува членство во НАТО е целосна илузија, порача генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев на крајот од неговата посета на земјава.

„Морам да бидам искрен, иако знам колку е тешко ова прашање. Десет години ве чекаме. Сега сите сојузници, вклучувајќи ја и Грција одлучија да ве поканат да почнете пристапни преговори“, рече Столтенберг на прес-конференцијата.

Одговарајќи на прашање за средбите со претседателот на државата Ѓорге Иванов и со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кои се изјаснуваат за членство во ЕУ и во НАТО, но не го прифаќаат Договорот со Грција, Столтенберг рече дека нема таква алтернатива.

„Имав добро состаноци и со претседателот и со лидерот на опозициската партија. Важно е да се сретнам и со владини и со претставници на опозицијата и да ги слушнам нивните грижи, ставови и погледи. Мојата порака е дека ова е историска можност да станете полноиправна членка на НАТо, на ЕУ. Но за да го направите тоа, мора да се согласите со Договорот за името. Нема друг пат за зачленување во НАТО. Разбирам дека некои мисла дека може да кажат ‘не‘ на Договорот за името, а да се ‘за‘ членство во НАТО, но нема таква алтернатива“, изјави Столтенберг.

Премиерот Зоран заев, пак, уште еднаш повтори дека е оптимист дека референдумот ќе успее.

„Јас сум најголем оптимист, бев оптимист и кога имаше помалку причини. Но, како наближува денот на референдумот, нема ‘што ако‘. Јас сум толку убеден дека референдумот ќе успее, дека цензусот ќе биде видливо надминат и немам дилема за тоа“, изјави Заев.

На прашањето околу мешањето на Русија и дали Москва се обидува да блокира членство во НАТО, Заев кажа дека за Македонија нема друга алтернатива освен членство во НАТо и во ЕУ.

„Ние сме мала земја, сакаме да градиме пријателство со сите, а се разбира и со Русија. Нашите граѓани имаат целосна слобода да си ја изберат својата иднина. Но, се надевам дека конечно ќе станеме членка на НАТО и на ЕУ“, изјави Заев.

Заев со зборовите „сега подобро го знаете Скопје“ го пречека Столтенберг во Клубот на пратеници каде што и се одржа прес-конференцијата. Претходно Столтенберг го посети селото Стајковци, заедно со министерката з аодбрана радмила шекеринска присуствуваше на показна вежба на припадници на АРМ во касарната „Илинден“, а имаше средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери и координатори на пратеничките групи, како и со претседателот на државата Иванов и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

По посетата на Скопје, Столтенберг заминува за Атина, на средби со грчкиот политички и државен врв.