Македонија 10. септември 2018. / 13:38

Столтенберг: Ако помине референдумот Протокот за интеграција во НАТО ќе се потпише во првата половина на 2019

Столтенберг: Ако помине референдумот Протокот за интеграција во НАТО ќе се потпише во првата половина на 2019

Мислам дека можеме да го завршиме процесот на ратификација и да го потпишеме протоколот за интеграција на ПЈРМ во НАТО пред изборите, во првата половина на следната година, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.

Според Столтенберг, сѐ зависи од тоа кога во Македонија ќе финализираат уставните промени, но при посетата на Скопје му било кажано дека ова може да се заврши на почетокот на 2019, а веднаш потоа може да се потпише и протоколот за членство.

Во интервјуто за „Катимерини“, како што пренесува МИА, Столтенберг испраќа порака дека и Скопје и Атина треба да ги исполнат обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа, дека не постои начин за влез во НАТО без договор за името, но говори и за впечатоците и искуството од посетата на Скопје.

„Не постои друг начин ПЈРМ да влезе во НАТО освен да се договори за името со Грција и ова го разјаснив во сите мои изјави во Скопје. Важно е да не постои илузија дека може да кажат ‘не‘ за Договорот и ‘да‘ за НАТО. За некои во ПЈРМ ова би било добро решение, но ова решение не постои. Бев многу јасен во однос на ова. Треба да се избегне веројатно недоразбирање дека постои пат кон НАТО без решение на името. Еден договор, беше, е и ќе биде предуслов за интеграција во НАТО“, вели Столтенберг во интервјуто.

Тој вели дека е сигурен дека и Грција ќе ги исполни нејзините обврски од договорот, а не гледа зошто не би го сторила тоа, кога уште во „2008 јасно ја изрази поддршката за интеграција на ПЈРМ во НАТО кога ќе се реши името“.

Прашан за посетата на Македонија, Столтенберг за „Катимерини“ детално ги објаснува активностите во Скопје, вели дека климата била многу добра, додека во однос на Договорот од Преспа вели дека е компромис, а компромисите секогаш се болни. Но, од друга страна „алтернативата за соживот со еден спор за името што ја блокира земјата од меѓународната заедница е лоша за сите“.

„Навистина верувам дека станува збор за историски договор. Историска можност да се реши прашањето за името. Тоа е компромис, никогаш не е лесно да се прават компромиси. Тоа го видовме во ПЈРМ, во Скопје, исто така го видовме во Грција. Секако тоа е добро за оваа земја, но исто така е добро и за Грција, за Европа, за сите нас. Останува секако да се покаже кој ќе биде резултатот од референдумот“, објаснува генералниот секретар на НАТО.