Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес конференција побара соодветна казна за прекршителите кои вршат поткуп за изборни цели. Тој порача дека „Заеви не се над законот и не може да се помират со тој факт“ и дека братот на поранешниот премиер лично во полиција насилно се однесувал и се заканувал врз полицајците, со една цел – случајот да се прикрие.
Стоилковски додава дека по полициската акција во Струмица на сета јавност и е јасно дека станува збор за организиран поткуп само и само во изборни цели. Се работи за чист поткуп во изборни цели кој што ги потврдува пишувањата и снимките кои што беа објавени и во странските весници за тоа како се победувало на локалните избори во Струмица.
-Ниту станува збор за „донации“ ниту станува збор за „добротвори“, станува збор за организиран поткуп во изборни цели, организиран, пакуван и дистрибуиран во време на вонредна состојба заради епидемијата. Во време на полициски час, во време кога граѓаните стравуваат за здравјето и за работните места, полицијата приведува блиски на Заев како го кршат полицискиот час, се движат без дозвола, подготвуваат пакети, ги брендираат со партиски бои, групно се подготвуваат за дистрибуција. Дистрибуција не за помош, туку за масовен поткуп во изборни цели, рече Стоилковски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на пет прашања за кои рече дека Зоран и Вице Заеви и ним блиските од СДСМ молчат и со денови немаат одговор.
- Колку вкупно пакети се поделени, со точни количини на продуктите?
- Имаат ли фактури за плаќање на тие производи, или се дел од некоја друга сомнителна акција за рекетирање?
- Има ли доказ за потекло на парите доколку се платени?
- По кои критериуми се поделени пакетите, зошто за едни граѓани има, а за други не?
- Дали овие донациите се пријавени и каде се пријавени доколку се пријавени?
Стоилковски рече дека мора и инсистираат на одговор по полициската акција во Струмица зошто е потребно насилно однесување на Вице Заев во полициската станица да се забошоти случајот ако е се во ред.
Тој потсети дека Зоран Заев и СДСМ организирано во три месеци смислено ограбиле 120 милиони евра од буџетот, ги дозадолжија граѓаните и само за поткуп во изборни цели.
-Зоран Заев и СДСМ треба да знаат дека на луѓето не им е до пакети производи со минат рок, туку им треба работа за чесно и честито да заработуваат и правда дека никој нема да ги злоупотребува и е над законот, рече Стоилковски.