Македонија 08. февруари 2021. / 09:12

Стоилковски: Предвремени избори ќе има, четири години е предолго народот да го издржи криминогениот режим

Стоилковски: Предвремени избори ќе има, четири години е предолго народот да го издржи криминогениот режим

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во гостувањето во „Утро со Златев“, зборуваше на повеќе актуелни теми.

Тој се осврна и на изјавата на премиерот Зоран Заев дека нема да има предвремени парламентарни избори.

Според него многу е важно дека темата за предвремени парламентарни избори, се наметна само четири месеци од составувањето на Владата на Зоран Заев.

„За четири месеци испливаа сите крокодили на владеењето на Зоран Заев во овие четири години“, рече Стоилковски кој смета дека предвремени избори сепак ќе има.

Тој додаде дека четири години е предолг и катастрофален период за населението на Македонија да може да го издржи веќе, како што рече, меѓународно признатиот,  криминоген режим на Зоран Заев.

Стоилковски посочи дека власта во немоќ да објасни зошто Македонија се наоѓа на дното по сите меѓународни извештаи ја обвинува опозицијата. Време е власта да признае дека поради нивните лоши политики Македонија е лошо рангирани по сите извештаи.

„Нема нешто за што не сме ние виновни, дури и за Транспаренси Интернешнл, според кажувањата на СДСМ и Заев. Уште на почетокот од овие траорни години за Македонија ние наговестувавме дека Македонија тоне во корупција, криминал, една лукративност, едно заземање на Македонија и на економијата ставајќи ја во џебот на едно ситно семејство и на пријатели околу Зоран Заев. Веќе и јавно се упатуваат критики не само од Транспаренси Интернешнл , туку и од други такви организации, дури еве и од амбасадорот холандски кој удри директно посочувајќи дека власта е виновна за состојбата во државата“, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека холандскиот амбасадор јасно укажа дека власта ништо не завршила од ветувањата, укажа и на стотина точки кои чекаат имплементација. Холандскиот амбасадор јавно кажа за разочарувањето на Холандија од владата на Заев.

„Се на се, ова е една срамна приказна која што наскоро и се гледа крајот. Јас морам да признам дека слатко се изнасмеав на вчерашната приказна на Зоран Заев дека Македонија оди напред кон европеизација и дека немало да има предвремени парламентарни избори, демек цутела економијата, па спомнуваше благосостојба. Која благосостојба, зар човекот живее во Македонија“, праша Стоилковски.

Целото интервју погледнете го на следниот ЛИНК.