Сојузот на средношколци најави дека второто полугодие од оваа учебна година, кое треба да започне на 21 јануари, ќе го почнат со бојкот на наставата.
Одлуката, велат, ја донеле по консултации со претставници на средношколците низ земјава, а ќе бојкотираат сè додека нивните барања не бидат прифатени.
Тие бараат Министерството за образование и наука да ја измени содржината на државниот испит – матурата и да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат. Од четири предмети, предлагаат да се полагаат само два. Едниот да биде мајчин јазик, а вториот по избор на ученикот согласно неговите планови за понатамошното образование, а се согласуваат да остане и проектната задача.
Во соопштението на Сојузот на средношколци е наведено дека бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март да објават и презентираат план и програма, за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испити.
-При составувањето на нашите барања за измена и поедноставување на содржината на државната матура, земавме пример од образовните власти во Франција кои бројот на испити го намалија дури на еден – по избор на ученикот. Сепак, поради важноста на Уставот и мајчините јазици, сметаме дека и мајчиниот јазик треба да остане задолжителен испит, стои во соопштението на Сојузот.