Без договор заврши средбата во Собранието на лидерите на СДСМ Зоран Заев и на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, како дел од преговорите за формирање парламентарно мнозинство и влада.
Откако Ахмети денеска упати покана за заедничка средба со лидерите на партиите од албанскиот политички блок в четврток по повод годишнината на Охридскиот рамковен договор, Заев тоа го оцени како притисок врз него, СДСМ и коалицијата „Можеме“, но наведе дека е прерано да даде каков било одговор на тоа дали таа средба може да влијае врз формирањето на новото парламентарно мнозинство.
СДСМ претходно, како и во изминатите денови, и денеска преку соопштение информираше дека ги продолжуваат, како што наведоа, сериозните разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и за владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат. Новата влада, велат, ќе работи на уште поголема грижа за сите, на јакнење на економскиот стандард, на прочистување на правосудството и обезбедување силна правна држава и владеење на правото.