Премиерот Зоран Заев со владина делегација е во официјална посета на Република Хрватска, која што ја почна со средба со неговиот колега, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, по што следуваа средба на ниво на владините делегации и изјави на двајцата премиери.
Заев во изјавата за медиумите изрази огромна благодарарност до граѓаните на Република Хрватска, до неговиот колега и пријател, премиерот Андреј Пленковиќ, до Владата, за искрената, континуирана и силна поддршка што ја даваат на граѓаните и на Република Македонија, во интегрирањето кон ЕУ и НАТО. Тој посебноја истакна како значајна поддршката од пријателска Хрватска во Советот на ЕУ, како и во интеграцијата во НАТО и повика таа да продолжи и во иднина.
-Во Македонија се донесоа важни одлуки. Верувам дека до крајот на јануари Парламентот ќе даде поддршка на Договорот со Грција, по што ќе следува и поддршка на Договорот и од страна на Грција, како и на протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веруваме дека Хрватска ќе биде една од првите земји што ќе го потпишат протоколот за членство на Македонија во НАТО. И дека Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО. Имаме договор и со Бугарија. Правиме реформи во правосудството, медиумите, јавната администрација, борбата против криминалот и корупцијата. Очекуваме дека ќе почнеме преговори во јуни со ЕУ. Оваа посета на Хрватска е само уште една силна порака за големото пријателство меѓу двете земји, рече Заев.
Хрватскиот премиер Пленковиќ ги поддржа, како што рече, храбрите политики на премиерот Заев и Владата, што конечно отвораат пат кон заслужените ЕУ и НАТО-интеграции и најави целосна поддршка од Хрватска во овие процеси. Тој рече дека Заев и Владата изминатите месеци направиле низа храбри одлуки што ќе се одразат со формално членство во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ во јуни. Пленковиќ уште кажа дека Хрватска ќе се заложи за подинамичен преговарачки процес, за Македонија во ЕУ интеграциите да го надополни пропуштеното.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, на ниво на владини делегации се разговарало за актуелни политички прашања во двете земји и за можностите за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена. Притоа Заев и директно ги повика хрватските компании да инвестираат во Македонија.
Заев и владината делегација, во Загреб имаа средби и со хрватската претседателка, Колинда Грабар – Китаровиќ и со претседателот на Собранието на Република Хрватска, Гордан Јадроковиќ. Утре, премиерот и владината делегација што ќе го придружува, ќе учествуваат на Самитот на шефови на влади на земјите од Централно-европската иницијатива (ЦЕИ).