Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со Дирк Јан Коп, новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во Македонија. На средбата e констатирано дека Македонија и Премиерот Заев лично, треба да се горди на досегашните постигнувања во демократскиот развој.
Изразена е поддршка кон политиките на отворен дијалог на премиерот Заев и на Владата. Во таа насока изразена е оценка дека државава работи на функционални институции, како и охрабрување за натамошен развој, посебно на капацитетите на правната држава.
Заеднички е констатирано дека обезбедувањето владеење на правото веднаш значи и подобра економија.
Заев изрази благодарност за поддршката на европските држави, вклучително и на Кралството Холандија, за влогот и помошта кон нашата држава, во изградбата функционални институции, вклучувајќи ја и поддршката во областа на правосудството. Тој посочи дека Република Северна Македонија е држава со функционален Парламент, низ којшто со консензус се донесени клучните реформи што сега треба да донесат бенефит на граѓаните во интеграциска и економска смисла и дека Владата е посветена на ефективен дијалог со опозицијата, во името на модерната историја што ја живее нашата држава и отворените перспективи.
–Мора да има развој на капацитетите, посебно во правосудниот систем во којшто вложивме многу низ реформскиот процес, а во нив придонесоа и земјите членки на ЕУ. Потребно е да се обезбедат гаранции за предметите отворени од СЈО, бидејќи мораме да бидеме одговорни кон граѓаните и кон државата. Правосудството веќе прави чекори што покажуваат дека системот почнува да функционира на професионален и независен начин. Законот за Јавно обвинителство не е обврска кон ЕУ, но е добар аргумент пред октомврискиот Совет на ЕУ, дека како држава сме подготвени да ги развиваме капацитетите на институциите на европски начин. Во тој дух ги продолжуваме и разговорите со опозицијата и веруваме дека договор е можен, секаде каде што има волја за решение – рече меѓу другото Заев.
Исто така, констатирано дека Република Северна Македонија е веќе видлива на економскиот пазар, како и дека постојат услови и обострана волја за поголема економска соработка меѓу нашата држава и Кралството Холандија.