Македонија 17. септември 2018. / 17:48

Средба меѓу Хан и Мицкоски, евроатланските интеграции се клучен фактор за стабилност и просперитет

Средба меѓу Хан и Мицкоски, евроатланските интеграции се клучен фактор за стабилност и просперитет

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес оствари средба со Јоханес Хан, комесар за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија.

На средбата станало збор за политичката состојба во државата, евроантлантските интеграции на Македонија, како и за актуелниот референдум за договорот со Грција.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека за Македонија членството во НАТО и во ЕУ е од стратешки и државен интерес. Мицкоски потенцираше дека договорот со Грција е штетен за Република Македонија и затоа истиот е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, односно надвор од познатите принципи и начела на партијата. Тој го повтори ставот на партиските органи во однос на референдумот дека граѓаните се доволно зрели и достоинствени за сами да ја донесат одлуката како ќе постапат на 30 септември“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски ги повторил критиките за владата на СДСМ и Заев.

И двајцата соговорници се согласиле дека Евроатланската интеграција е клучен фактор за стабилност и просперитет во балканскиот регион како и дека е потребна поддршка во насока на реформи кои се од значење за остварување на тие стратешки цели на Македонија.