Македонија 16. декември 2018. / 10:14

Србите збеснаа: Албанци се мобилизирале во Липково – МВР демантира

Србите збеснаа: Албанци се мобилизирале во Липково – МВР демантира

Од МВР ги демантираат тврдењата во некои српски медиуми дека по одлуката за формирање војска на Косово, во Липково се мобилизирале албански паравоени единици. „Нема такво нешто“, велат од МВР.

Одлуката на парламентот во Приштина за трансформација на Косовските безбедносни сили во Војска на Косово, предизвика бура од различни реакции, но и шпекулации кои во актуелните настани ја инволвираат и Македонија. Под наслов „По формирањето на ‘војската на Косово’ почна мобилизација на границата со Србија: Албанци се групираат во Липково“, порталот „Србијаденес“, повикувајќи се на руски извори, објави дека се концентрираат и мобилизираат албански паравоени единици и на македонска територија.

– Во Липково, во Македонија, на самата граница со јужната српска покраина Косово и Метохија, почнала концентрација на албански паравоени единици и мобилизација на истите, ни jавува Александар Дугин, геополитичар и еден од главните идеолози на претседателот на Русија, Владимир Путин. –  пишува „Србијаденес“.

Во текстот се објаснува дека „таа информација доаѓа директно од Македонија, од местото недалеку од Куманово и во близина на Качаник, место познато по најголем број припадници на Исламската држава по глава на жител“. Без никаква аргументација на крајот се заклучува дека „тоа е потврда оти Албанците се подготвуваат за судири, па дури ги мобилизираат и нивните припадници во Македонија“.

Од македонското МВР целосно ги демантираат ваквите тврдења.

– Нема ништо такво. Се работи за типични дезинформации и пропаганда, кои им штетат и на меѓусебните односи и на безбедноста во регионот. – велат од МВР и потсетуваат дека многупати досега биле објавувани слични дезинформации.