Од Центарот за обука во Идризово каде што во тек е селекцијата за нови полициски службеници, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека постојат протоколи и начини на кој се комуницира во однос на секој носител на државна и јавна функција во државата, одговарајќи на новинарско прашање за надлежностите на МВР во случајот со руските пранкери и телефонските разговори на премиерот Зоран Заев.
Посочувајќи дека такви ситуации се случиле не само во Македонија туку и во други држави, Спасовски потенцира дека тоа не е нешто што е по директна контрола на МВР, туку е работа на секој од кабинетите во Владата, начинот на комуникациите итн.
–Во тој однос потребна е малку поголема будност во следењето на препораките и протоколите со што можат да се средат сите овие работи – изјави министерот Спасовски.
На новинарско прашање дали се следеле безбедносните протоколи бидејќи за тоа се разговрало и на владина седница, Спасовски информира дека нема таква информација и оти не бил присутен на последната седница на Владата и ги чека заклучоците.