Македонија 17. јануари 2020. / 14:53

Спасовски: Има место за продлабочување на соработката со Русија

Спасовски: Има место за продлабочување на соработката со Русија

„Продолжуваме да ги унапредуваме односите и соработката меѓу Северна Македонија и Руската Федерација во сите области од заемен интерес“, порача техничкиот премиер Оливер Спасовски по средбата со амбасадорот на Руската Федерација, Н.Е Сергеј Баздникин.

Спасовски на амбасадорот Баздникин му предаде писмо со честитки до новоизбраниот претседател на Владата на Руската Федерација Михаил Машустин, со желби за успех во извршувањето на должноста и позитивни резултати кои ќе продонесат за натамошен сестран напредок на Руската Федерација и за благосостојба на пријателскиот руски народ.

– Двете влади ќе продолжат да соработуваат на натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Русија, во сите области од заемен интерес, стои во соопштението од кабинетот на Спасовски.

Дополнително, Спасовски истакна дека преодната Влада ги има сите овластувања да обезбеди континуитет на политиките и процесите од интерес на земјата и граѓаните, меѓу кои свое место има и продлабочување на соработката со Руската Федарација, и дека сите отпочнати процеси на дипломатиите на двете земји, особено проектите од взаемен интерес иницирани од Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу  Македонија и Русиј ќе продолжат да се реализираат согласно договорените планови и динамика.