Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека има безбедносни проценки кои ги користат службите и дека полицијата работи на анализирање на сите информации со кои располага во врска со издадената национална потерница за поранешниот премиер Никола Груевски.
– Не очекувајте дека ќе поставиме еден линк на плоштадот и заедно со полицијата и медиумите да ја спроведуваме целата акција. Сите информации кои ги имаме ги анализираме и работиме во однос на обезбедувањето на лицето, но тоа не можеме слободно во јавноста да го споделуваме и сите заедно да го следиме, рече министерот за внатрешни работи.
Во врска со тоа дали ќе влезат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски рече дека доколку полицијата има налог ќе влезе во која било зграда и додаде дека вчера немале намера да влезат во партијата, ниту имале налог за тоа.
Тој напомена дека вчера немало никаква опсада на политичка партија, ниту на кој било друг објект и додаде дека полицијата постапувала врз основа на наредба дадена според проценките за можните локации. Додаде дека имало контроли во близина на седиштето на партијата.