Македонија 02. декември 2020. / 17:37

Состанок на Македонско-бугарската Комисија: Ќе се разговара за Средниот век и раноосманлискиот период

Состанок на Македонско-бугарската Комисија: Ќе се разговара за Средниот век и раноосманлискиот период

Содржината во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот период ќе биде тема на 11. средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи утре и задутре.

Тема на разговор ќе биде и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, а средбата ќе се одржи онлајн поради состојбата со COVID-19, додаваат од Комисијата.

Димитров во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) истакна дека постојат разлики меѓу политичарите и историчарите:

Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата прават се што е можно да не се случи тоа, смета тој. Кажа дека со загриженост ја очекувал новата средба на Комисијата за историски прашања, но изрази надеж дека ќе направат барем еден мал чекор напред.

Професорот Ѓоргиев, пак во изјава за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од изјавата на неговиот колега, кој меѓудругото кажа и дека бугарската позиција е единствена и политички монолитна, за разлика од македонската.

Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо, вели Ѓоргиев.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја и да помогне во надминување на различните толкувања, досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век.

Се потврдија проценките и од двете страни дека најмакотрпен период за разгледување ќе бидат токму настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења, кои се јавуваат на територијата на земјава, каде што има сериозни разидувања во двете историографии.