Македонија 08. јуни 2018. / 13:43

Со „Ода на радоста“ протестираа отпуштените наставници пред Општина Битола

Со „Ода на радоста“ протестираа отпуштените наставници пред Општина Битола

Наставниците кои останаа без работа откако не им беа продолжени договорите, денес свирејќи ја химната на ЕУ „Ода на радоста“ протестираа пред Општина Битола. Рекоа дека со мелодијата отсвирена на гитара и виолончело им се заблагодаруваат на локалната власт за тоа што не издвоила време да се сретне со нив.

„Сакаме да им се заблагодариме на новоназначените директори на училиштата и градинките, наши долгогодишни колеги кои не ни ги продолжија работните договори и нити ни ги трансформираа работните односи и ни оставија сомнително образложение дека не е до нив. Благодарност до претседателот на Советот кој се прогласи за ненадлежен и до градоначалничката и покрај нашите обиди за средба, не нè удостои“, рече Гордана Јоначиќ.

Таа додаде дека не им биле продолжени договорите на 75 наставници и други профили, а на нивно место биле ангажирани други лица без положен приправнички испит.