Македонија 17. јануари 2019. / 16:43

Со богато полициско досие до советник на Спасовски – Звонко од Петровец унапреден за четири скалила

Со богато полициско досие до советник на Спасовски – Звонко од Петровец унапреден за четири скалила

Поранешниот градоначалник на Петровец и кандадат на последните локални избори од СДСМ, Звонко Цветковски, незаконски е унапреден за четири скалила во Министерството за внатрешни работи, дознава Лидер.

Министерот Оливер Спасовски го поставил Цветковски за свој советник, иако според информациите на Лидер, станува збор за човек со дебело полициско досие. Цветковски бил обвинуван за семејно насилство, кражба со дрва и рекет.

Екс-градоначалникот на Петровец од самостоен инспектор во Регионален центар за гранични работи – Север, денеска седна во советничката фотелја во секторот за стратешко планирање на МВР.

-Денеска му беше врачено решението за оваа функција, а унапреден е за четири скалила, надвор од сите закони и процедури. Денес на работа беше вистинска драма. Сите сме револтирани. – ни изјави нашиот извор, кој сакаше да остане анонимен и додаде дека канцеларијата на Цветковски наместо во МВР ќе биде во Граничниот Центар – Север, односно во просториите во МРТВ, за да се задскрие информацијата од јавноста и од вработените.

Нашиот извор тврди дека Цветковски со месеци не се појавувал на работа, ниту ги извршувал работните задачи. Поради тоа, вработените се незадоволни, а кажуваат и дека од 680 бода, на новото работно место ќе има 900 бода и ќе зема плата повеќе од 45 ијлади денари.

Во мандатот додека бил градоначалник, жителите на Петровец го паметат Цветковски како контроверзна личност со низа скандали и пренагласено лошо однесување и комуникација како со администрацијата така и со граѓаните.

Инаку Цветковски бил градоначалник на Петровец од 2005 до 2009 година, од ВМРО-НП.