Македонија 19. декември 2020. / 18:02

Словачка ѝ одговори на Бугарија: Историските прашања не можат да бидат услов за преговори

Словачка ѝ одговори на Бугарија: Историските прашања не можат да бидат услов за преговори

Официјална Братислава и одговори на Софија зошто не се согласуваат со документот кој во вид на жалба Бугарија го испрати до сите 26 земји членки на ЕУ во врска со позициите на бугарската Влада за историските прашања поврзани со Македонија.

Шефот на словачката дипломатија, Иван Корчок и во изјава за тамошните медиуми и порача на неговата колешка од Бугарија, Захариева дека историските прашања кои се обидуваат да ги наметнат не само кон Македонија, туку задираат и во уставот на Словачка, каде во преамбулата е наведена Моравската мисија и делата на Кирил и Методиј.

Корчок во одговорот до Захариева додава:

– Жал ми е, но моравме да ги блокираме заклучоците на Советот на ЕУ за проширување. Овој документ на несоодветен начин ги внесува на дневен ред чувствителните историски прашања во односите меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите кандидати. Си реков дека тука има одредена линија, затоа што тогаш не му помагаме на процесот (преговори) и им ја одземаме мотивацијата на земјите кандидати да направат понатамошни реформи и да ги исполнат условите. Проблемот е во тоа што „никој не ја обвинува Македонија дека не ги исполнува условите под кои може да се отворат нови поглавја. Туку дека, наводно, не го исполнува билатералниот договор со Бугарија.

Сепак, и покрај блокадата на Словачка и Чешка за историјата против Бугарија, официјална Софија засега нема намера да ги смени своите позиции во однос на Македонија.

– Одложувањето на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ не е во интерес на Бугарија. Интересот на Бугарија е конечно да бидат решени отворените прашања во односите со Република Македонија и процесот на интеграција на сите држави од Западен Балкан да продолжи успешно. Не наоѓаме никакво задоволство во позицијата што Скопје нѐ принуди да ја заземеме, откако со децении Бугарија ја обезбеди сета можна поддршка за нашите браќа од другата страна на границата, велат од бугарското МНР.

Во одговорот се вели и дека „ниту една бугарска влада не може да ги предаде 88.540 граѓани на Македонија што имаат бугарски пасоши“.

Премиерот Зоран Заев пак денеска од Битола порача дека доколку населението и граѓаните на земјата сакаат на спомен – обележјето од Втората светска војна да остане името „Бугарски фашистички окупатор“ така и ќе биде, а земјава и натаму ќе продолжи да работи на добрососедските односи со Бугарија.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак смета дека реакцијата на Чешка и Словачка не е случајна. Во интервју за „Канал 77“ потпретседателот на партијата, Александар Николоски вели дека е логично да реагираат за бугарските позиции.

Низата на реакции и во домашната, но и европската јавност во врска со македонско – бугарските односи денеска доаѓаат како послдица на дописот кој Бугарија го испрати до земјите членки на ЕУ во врска со историските прашања, но и обвинувањата на релација Софија – Братислава – Прага дека го нарушувале кредибилитетот на ЕУ.