Хрватскиот весник „Слободна Далмација“ предвидува пад на Владата на Зоран Заев поради неуспехот на неговата политика преку отстапки со националните интереси да обезбеди отворање на европските порти за Македонија.
-Досега ги блокираа Грците, а сега Французите. Суштински ништо не се смени. Но, се промени власта и статусот на нацијата, коментира Иван Бродиќ, добар познавач на состојбите во Македонија.
Соговорникот на „Слободна Далмација“ потсетува како Македонија беше блокирана од страна на Грција со децении и вели дека, иако Хрватска имаше блокада од Словенија, двете не се ни споредуваат.
-Да се потсетиме на Хрватска и нашите перипетии околу пристапувањето во ЕУ. Сепак, состојбата со Македонија беше особено некоректна, бидејќи земјата ги задоволи сите услови и доби кандидатски статус пред Хрватска. Меѓутоа, никако не им дозволуваа да започнат преговорите поради блокадата од Грција. Од сите страни им велеа дека треба да молчат и да се остави тивката дипломатија да ја заврши работата. Таа тивка дипломатија и фабрикуваните аудиоснимки, од опозицијата која незаконски го прислушувала премиерот, го доведоа Зоран Заев на власт. Пред неколку дена се слушна признание дека тие снимки со кои е урнат Груевски, всушност се модифицирани, информира Бродиќ, главен уредник и сосопственик на Енерџипрес.
Според Бродиќ, евентуално подобар резултат на самитот во Брисел, „можеше на Заев да му даде одредена сила“.
-Но, тој изврши економски холокауст во Македонија, се закануваше со апсење на водечки странски инвеститори и ја наруши претприемничката клима, ја задолжи земјата повеќе отколку што била задолжена од осамостојувањето, ги стави медиумите под контрола, поради што се очекува неговата Влада да падне, особено по постигнатиот договор за предвремени избори во април, додава Бродиќ.
Хрватскиот новинар вели дека Заев по сè изгледа се надева дека неговите меѓународни контакти ќе му помогнат да победи на изборите, но овојпат се соочува со опозиција која исто така има добри односи со меѓународните фактори.
Заев веројатно мисли дека претстојните избори ќе бидат референдум за влезот во ЕУ, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ се прикажува како партија блиска на Москва. Меѓутоа, тоа нема да помине овојпат, зашто, меѓу другото, многу шефови од опозицијата се тесно врзани со Западот. изгледа како Заев полека да паѓа, констатира Бродиќ.
Причина за падот на Владата, според Бродиќ, ќе бидат договорите со Грција, Бугарија и за двојазичност, кои се длабоко непопуларни, „ја укинуваат нацијата и идентитетот и водат кон федерализација на земјата, што е премолчан пат за отцепување на подрачјата со мнозинско албанско население во западна Македонија“.
-И по сите тие компромиси и задоволувања на условите, сега повторно некој им вели не, што е многу неправедно кон Македонија, вели Бродиќ.
Тој додава дека Хрватска не смее да заборави дека влијателна личност во актуелната Влада е генерал Мирослав Стојановски, кој беше командант на специјалните единици на ЈНА при окупацијата на Вуковар. Хрватски медиуми и лица кои ја преживеале бруталната опсада на Вуковар го обвинуваа Стојановски за воени злосторства, но тој сепак остана во врвот на паријата СДСМ.
-Поради тој факт необично е што раководството на ХДЗ овој факт не го знаат или го игнорираат, забележува Бродиќ.