Една слика – думи рој!, напиша професорката Гордана Силјановска Давкова на својот фејсбук во објава во која ја сподели фотографијата од министерката Радмила Шекеринска со Фатмир Дехари, градоначалникот на македонската општина Кичево на која се гледа симболот на УЧК.
Професорката по уставно право напиша дека министерката за одбрана и градоначалникот мора да знаат дека членот 20, став (4 ) на Уставот на Република Македонија забранува воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.
-Сликата со г-дин Дехари наликува на политичка средба во штабот на УЧК, а не во канцеларија на градоначалник на Кичево, град во Република Македонија!, пишува Силјановска Давкова.
Фотографијата предизвика бурни реакции по социјалните мрежи. Министерката за одбрана не ја спори, а по бурните реакции се јави и на својот фејсбук-профил.
– Дејствата од 2001 се далеку зад нас. Нашето општество ја надмина воената криза на демократски и траен начин, за што сведочиме денес, 19 години подоцна, кога сме членка на НАТО. Во 2020 година најважно е дали политичарите им служат на граѓаните. Иконографиите не се репер за добро управување, служењето на граѓаните е репер, пишува Шекеринска.