Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова денеска оствари средба со граѓаните на Охрид.
Како што информираат од нејзиниот штаб, таа го посетила манастирот Св. Петка во Велгошти каде се сретнала со локалното население и службата на манастирот. Силјановска остварила средба и со мештаните од Лескоец при што разговарале за нивните проблеми, особено во поглед на урбанизмот и екологијата.
– Мора заедно да се охрабриме и да се бориме против ненародната влада која покажува негрижа за сопствените граѓани во сите сфери. Ветувам дека како претседателка ќе се залагам за истакнување на сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и дека секогаш ќе бидам на страната на народот. – рекла Силјановска на средбите со жителите од Охридско.
Во овие посети, Силјановска била придружувана од кандидатот за градоначалник на Охрид, Митре Милошевски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, како и членот на ИК, Кирил Пецаков.