Македонија 17. февруари 2019. / 10:25

Силјановска: Имам поддршка од сите страни – ќе бидам претседател кој обединува!

Силјановска: Имам поддршка од сите страни – ќе бидам претседател кој обединува!

Сите бараат надеж работите да се вратат во нормала, констатира професорката Гордана Силјановска Давкова, која е прв претседателски кандидат, предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

Силјановска на Фејсбук длабоко им се заблагодари на сите за поддршката, која што стигнувала од сите страни.

– Немам зборови како да ви се заблагодарам за поддршката. Длабоко во ноќта останав да ги читам вашите пораки и да одговарам на нив. Ве има многу. Сите барате надеж работите да се вратат во нормала. Вистинските вредности да победат. Правото и правдата да се воспостават! – напиша Силјановска.

Професорката кажа дека иако не е партиски човек, е искрен родољуб кој нема да ги погази Уставот и законите.

– Ве има секакви. Оние кои никогаш не гласале ЗА, туку против. Оние кои гласаат за ВМРО и препознаваат дека не сум партиски човек, но и дека сум искрен родољуб кој нема да погази Устав и закон и ќе го применува исто кон сите! Оние кои гласаат традиционално за СДСМ или се членови, но кои сметаат дека е време работите да се сменат и да се даде простор на идеи и личности што вредат. Оние кои се спремни да поминат преку етничката бариера зашто партиите и лидерите не делат, а вредностите ни понираат до бескрај. Оние кои никогаш не гласале, или дури се иселиле од земјата од разочараност од состојбите, но кои конечно ќе излезат на гласање затоа што имаат кандидат со вредности и принципи на правда и правдина кои никогаш нема да ги напушти! – вели професорката.

Кандидатката посакува да биде претседател кој обединува во овие тешки времиња.

– На сите ви благодарам! Тоа и го посакувам! Да бидам претседател кој обединува во овие тешки времиња! – стои во објавата на Силјановска.