Професорката Гордана Силјановска Давкова, која што е потенцијален претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, го честита потпишувањето на пристапниот протокол за членство во НАТО, но исто така и порача дека не е време за еуфорија.
Според професорката цената која што граѓаните ќе ја плаќаат во иднина е многу висока. Една неправда е заменета со друга, смета таа и додаде дека пред нас е долг пат на реформи.
– Денешното потпишување на пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО е резултат на долгогодишни напори на повеќе влади и бројни воени контингенти кои учествуваа во операциите на Алијансата.
Иако денешниот чин претставува исправање на неправдата којашто ни беше нанесена на самитот во Букурешт, сепак не смееме да заборавиме дека ова не е време за еуфорија. Цената која ја плативме и ќе ја плаќаме во иднина е висока. Една неправда е заменета со друга, а наградата ќе има смисла само доколку претставува чекор кон целосна европска интеграција, т.е. зачленување во ЕУ преку целосно исполнување на сите критериуми.
Пред нас е долг пат на реформи, кои мораат да започнат дома и да се имплементираат заради нас самите! – напиша Силјановска на Фејсбук.