Коронавирусот несомнено ја одбележа 2020 година и во Македонија. Социјално дистанцирање, неизвесност, страв од непознатото но и надеж дека ќе се врати животот во нормала.
Еден месец откако беше регистриран првиот случај на Ковид-19 во Македонија, односно на 27 март, Македонија под новото име стана 30. полноправна членка на најголемата воено политичка алијанса во светот – НАТО. Три дена подоцна се крена знамето на Република С. Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел.
Првиот случај на ковид-19 во Македонија беше потврден на 26 февруари, кај педесетгодишна жена која подолг период била во Италија. Идентификувани беа и девет патници кои во комбе патувале заедно со неа. Здравствените власти тогаш уверуваа дека ситуацијата е под контрола и повикуваа на смиреност.
Веќе на 13 март, беше прогласена кризна состојба на територија на општините Дебар и Центар Жупа, каде беа регистрирани неколку позитивни случаи на коронавирус.
Пет дена подоцна, на 18 март, претседателот на државата Стево Пендаровски за прв пат во историјата на независна Македонија, прогласи вонредна состојба на територијата на цела држава.
На 23 март на територијата на целата земја започна секојдневен полициски час во периодот од 21 часот навечер до 6 наутро.
На 3 април беше воведена целосна забрана за движење на населението во Општина Куманово за време на викендот.
Во текот на април и мај следуваа викенд карантини на територијата на цела држава.
Подоцна следуваше намалување на бројот на новозаболени, па во текот на летото поради олабавувањето на мерките како и годишните одмори, концертите како и непочитувањето за физичката дистанца бројките повторно почнаа да се зголемуваат.
Стартот на учебната година беше одложен за 1 октомври, но наставата со физичко присуство ја следеа само учениците од прво до трето одделение, сите останати следат онлајн настава.
Од 30 октомври маските станаа задолжителни и на отворено, а беше забрането и групирање по 22 часот. Кратко потоа, се забрани групирање на повеќе од четири лица преку цел ден, па следуваше кратење на работното време на кафулињата до 21 часот, па до 18 часот. Последните рестриктивни мерки се на сила до 21 јануари 2021 година, а забранети се освен новогодишните прослави и прославите во компаниите.
Во последните две недели се бележи намалување на бројот на новозаболени, но властите секојдневно апелираат на одговорно славење.
Македонија влезе во големото НАТО семејство
На 27 март 2020 година, Македонија под новото име стана 30. полноправна членка на најголемата воено политичка алијанса во светот – НАТО. Три дена подоцна се крена знамето на Република Северна Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел, во Командата на сојузничките сили за операции во Shape – Монс и Команда на сојузничките сили за трансформации во Норфолк, Вирџинија.
Претседателот Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување во Северноатлантската алијанса на 20 март 2020 година, откако на 17 март 2020 година, во специфични услови за европскиот континент и светот, шпанскиот Сенат, за прв пат преку видео – конференциска врска, и сите гласови „за“ го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во Алијансата, со што заврши процесот на ратификација на овој протокол кај сите земји – членки на Алијансата. Истиот по само два дена беше депониран од страна на Шпанија во депото во Вашингтон, САД.
Собранието го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО на 11 февруари 2020 година. Без гласови против и воздржани, 114 пратеници гласаа “за” членството на нашата држава во Северноатлантската алијанса. Следниот ден претседателот Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Вето од Бугарија за старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ
На Советот на ЕУ на 8 декември, Бугарија го потврди ветото за усвојувањето на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, со што го блокираше и почетокот на преговорите на земјава со Унијата. Македонија повторно остана во чекалната на ЕУ, откако германското претседателство и земјите членки на Унијата не успеаја да се отстранат бугарската блокада за Македонија.
Европскиот Парламент смета дека блокадата од Бугарија за старт на преговори со Македонија го попречува помирувањето во целиот регион. Европратениците бараат да се даде приоритет на европско решение наместо на унилатерални интереси на земји членки. Тие го признаваат напредокот на Македонија но ги повикуваа двете страни да продолжат со конструктивен дијалог.