Бугарското вето за Македонија се најде на страниците на угледниот германски магазин „Шпигел“.
Весникот под наслов „Нација без дозвола на соседот“ објави напис во кој наведува дека Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, но во континуитет нејзините соседни земји го блокираат почетокот на преговорите за членство.
Најпрво земјата требаше да го смени името под притисок на Грција, сега за неа нови услови поставува Бугарија, потсетува весникот.
-Некои националисти ги сметаат за Грци, кои говорат на словенски јазик. Други ги сметаат за јужносрби или западни Бугари. На Македонците во поновата историја воопшто не им било лесно да бидат признати како посебна нација, со посебен јазик. До ден денес Македонија од нејзините соседи, Грција, Србија и Бугарија се смета за конструкција и вештачка нација, пишува „Шпигел“.
Магазинот анализира дека бугарската влада покажува дека „македонското прашање“, како едно од клучните во историјата на Балканот, е се уште многу далеку од тоа да биде истражувано само од историчарите.
-Бугарската Влада во моментов сака да докаже дека „македонското прашање“ – едно од клучните политички прашања во историјата на Балканот, не треба да биде само предмет на дискусија на историчарите. Бара Македонија официјално да објави дека македонската нација има бугарско потекло и дека македонскиот јазик всушност е западно-бугарски дијалект, пишува весникот.
Во поднасловот „Дали Бугарија го злоупотребува правото на вето?“, весникот нагласува дека откако Унгарија и Полска ставија вето на буџетот на ЕУ, Бугарија со своето вето за Северна Македонија предизвика уште една криза во Унијата.
-Бугарија прави преседан во политиката на проширување на ЕУ. Земјата гротескно го користи својот поглед на историјата како политичко оружје против соседната земја, нагласува „Шпигел“.
Потсетува дека одлуката за продолжување на процесот требаше да се донесе во вторникот, на Советот за општи работи, но оти Бугарија претходно најавила дека ќе ја блокира одлуката за усвојување на преговарачката рамка. По состанокот бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева порача дека Македонија не ги исполнува условите.
Магазинот предупредува дека доколку Македонија ја загуби европската перспектива, како во многу други случаи низ историјата на Балканот, радикалниот национализам може да ја втурне земјата кон насилство.