Македонија 24. јануари 2020. / 12:03

Шилегов не е нобеловец за снег, ама не може и да се расфрла со буџетски пари за ништо!

Шилегов не е нобеловец за снег, ама не може и да се расфрла со буџетски пари за ништо!

Скопје е должен да има зимска служба за одржување на улиците. Јас би бил нобеловец ако во јуни оваа година знам каков снег ќе имаме во 2021 година. Станува збор за договори кои не се измислици на Петре Шилегов, изјави денеска, меѓу другото, скопскиот градоначалник, одговарајќи на повеќе новинарски прашања.

Лидер.мк пред два дена објави дека договорот, што Шилегов го склучил со фирмата „Аполо Инженеринг“ за изнајмување возила за чистење снег на улици во Скопје, во периодот од 15 ноември до 15 март за оваа и наредната зима, тежи 64.900.000 денари. Во оваа сума се вклучени само 40 часа работа на механизацијата на месечно ниво, а се над тоа ќе се плаќа дополнително, што значи дека сумата вртоглаво ќе расте. Зашто, излегува дека „Аполо Инженеринг“ дневно ќе треба да работи само 1,33 часа!

Само за два месеца, од 15 ноември 2019 до 15 јануари 2020 година, скопскиот градоначалник на фирмата добитник на тендерот исплаќа околу 263.000 евра или околу 16.225.000 денари, а за истиот овој период фирмата има реални трошоци од нула денари. Снег годинава не видовме. Според временските прогнози, снег нема да има и до крајот на оваа зима (15 март согласно договорот на Шилегов), што ќе значи дека фирмата добитник на тендерот ќе добие на сметка над 500.000 евра за ништо, за скоро нула денари трошок.

Информацијата за склучениот договор во понеделник ќе биде поднесена на колегиумот на Антикорупциската комисија и тогаш ќе се одлучи дали ќе биде отворен предмет за случајот.

Со денешната изјава скопскиот градоначалник Петре Шилегов се обидува да ги релативизира работите и со нескриена доза на иронија да избега од фактот дека тој го потпишал договорот за чистењето на снегот.

Шилегов можеби не е нобеловец за да знае во јуни дали и каков снег ќе има наредната зима. Можеби и договорот за чистење на снегот не е негова измислица. Но, непобитен е фактот дека во содржината на склучениот договор мора да постои клаузула за тоа како ќе се постапи во случај ако во Скопје не падне снег. Секој превид во овој поглед не значи ништо друго, освен расипничко трошење на даночните обврзници. Зашто, илузорно е некој да добива пари за нереализирани услуги.

Другиот момент е што со овие пари можело да се завршат низа други работи. Меѓу другото, и да се набават возила за чистење на снегот, наместо да се ангажира приватна фирма.