Заменик претседателската на СДСМ Радмила Шекеринска денес во Брисел учествуваше на состанокот на лидери на партии на Партијата на европски социјалисти.
– И Владата и Европската комисија го споделуваат истото мислење – Северна Македонија донесе пресврт и дома и на Западен Балкан, направи круцијални, историски чекори напред и заслужи да ги започне преговорите за членство”, рече Шекеринска.
Таа на состанокот истакна дека крајната цел за сите граѓани е земјата да функционира европски, да биде вистинска современа демократија и дека тој процес ќе биде брз и ефикасен единствено преку отворање и затворање на европските поглавја.
– Членството во Унијата е една од двете главни надворешно-политички цели на државата со децении. Државата припаѓа на обединета Европа, и културно и географски и според вредностите кои се втемелени во македонското општество. За нас нема друга опција освен полноправното членство во ЕУ и затоа сме фокусирани на тој пат, рече Шекеринска.
На состанокот присуствуваа и новата финска премиерка Сана Марин, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Јозеп Борел, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, шведскиот премиер Стефан Лофвен, шпанскиот премиер и мандатар Педро Санчез, поранешните премиери на Грција Алексис Ципрас и на Бугарија, Сергеј Станишев. Притоа Македонија доби недвосмислена поддршка од сите и честитки за членството во НАТО.