Министерството за надворешни работи, Кабинетот на претседателот на државата и Владата водат разговори и консултации за избор на амбасадор во НАТО, информираше денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска и демантираше дека е утврдено за тоа место да биде назначен Дане Талевски или некое друго име.
Според процедурата, како што кажа Шекеринска, прво треба да помине на седница на Влада, а потоа се испраќа како предлог до претседателот на државата.
–Очекувам дека нашиот амбасадор во НАТО и нашиот воен претставник во Алијансата, многу бргу ќе бидат познати за да можат да присуствуваат на важните настани кои ќе ѝ дадат на државата да стане членка на НАТО. Целта ни е пред Самитот во Лондон овие прашања дома да ги завршиме – рече Шекеринска.