Во пресрет на првата сесија на заедничкиот состанок на Северноатлантскиот совет, посветена на операциите и мисиите на Алијансата, министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера попладне имаше билатерални средби со своите колеги, од Грција, Никос Панагиотопулос, и од Естонија, Јури Луик.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, на средбата со новиот грчки министер за одбрана, Панагиотопулос, Шекеринска истакала дека двете држава треба да градат блиски билатерални односи и дека соработката на полето на одбраната ќе придонесе за тоа. Двајцата министри го поздравиле спроведувањето на мисијата „Air policing“ од страна на грчкото воздухопловство, за што началниците на Генералштабовите на армиите минатиот месец потпишаа и Технички аранжман.
– Преспанскиот договор ги отвори вратите за членство во НАТО, а реформите го обезбедија. И Северна Македонија и Грција имаат исти интереси – безбеден, стабилен и економски сигурен регион – истакнала министерката која се заблагодарила за грчката поддршка за отворање на пристапни преговори на неодамнешниот Самит на ЕУ.
Грчкиот министер, Панагиотопулос, порачал дека двете земји со меѓусебна почит и со добра волја, имаат шанса да изградат подобра иднина за своите граѓани. Тој истакбал дека Договорот за соработка во одбраната отвара многу можности за соработка и припадниците на двете армии ќе можат подобро да се запознаат, да вежбаат и да се усовршуваат заедно, како сојузници. Панагиотопулос се согласил дека за Балканот да биде мирен и стабилен потребно е да има искрени и добри односи помеѓу соседите.
На средбата со естонскиот министер за одбрана, Јури Луик, пак, министерката се заблагодарила за брзата ратификација на пристапниот протокол од страна на официјален Талин и истакнала дека овој процес продолжил да се движи со исклучителна брзина со оглед дека парламенти на 26 земји членки веќе го завршија ратификацискиот процес.
– Министерот Луик порача дека Естонија со нетрпение го чека денот кога Северна Македонија ќе биде полноправен член на НАТО, а во контекст на Европската Унија додаде дека земјата требаше да добие позитивна одлука и дека ова е само фаза, која ќе биде надмината – се наведува во соопштението.
Состаноците на министрите за одбрана во Брисел на кои учествува министерката Шекеринска, продолжуваат и во текот на денешниот ден.