Македонија 29. октомври 2019. / 18:19

Шекеринска – Палмер: Ратификацијата во сенатот на САД и посетата на Помпео се силен доказ за стратешкото партнерство

Шекеринска – Палмер: Ратификацијата во сенатот на САД и посетата на Помпео се силен доказ за стратешкото партнерство

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Министерството се сретна со Метју Палмер, заменик-помошник на државниот секретар на САД и специјален претставник за Западниот Балкан, кој е во посета на нашата држава.

На средбата стана збор за НАТО перспективата на државата која со ратификацијата во Сенатот на САД и уште 25 земји членки на НАТО е сосема јасна – Македонија наскоро ќе биде потврдена како 30. членка на НАТО. Високиот гостин од американскиот Стејт Департмент ја реафирмираше поддршката на САД за нашата земја и за европските перспективи на државата.

Ратификацијата во сенатот на САД и посетата на американскиот државен секретар Помпео се силен доказ за стратешкото партнерство и поддршката од САД за Северна Македонија. Недонесувањето на одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори не ја менува нашата одлука – да работиме на остварувањето на нашите стратешки цели – членството во Европската Унија и НАТО, рече Шекеринска.

Министерката и заменик-помошникот државен секретар на САД, Палмер, заклучија дека соработката во одбраната меѓу двете земји е на највисоко ниво и дека со членството на Македонија во НАТО таа соработка ќе се зајакнува.