Македонија 15. февруари 2020. / 17:35

Шекеринска на неформална средба на министри за одбрана во Минхен

Шекеринска на неформална средба на министри за одбрана во Минхен

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска која вчера и денес учествува на 53-тата Минхенска безбедносна конференција, денес присуствуваше на неформалната средба на министри за одбрана организирана од германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Каренбауер.

Како што соопштуваат од нејзиниот кабинет, на средбата министерката Шекеринска имала можност да се сретне и поразговара со колегите министри, секретарот за одбрана на САД Марк Еспер, германската министерка Анегрет Крамп – Каренбауер, и француската Флоренс Парли. Тема на разговоритe биле приоритетите на одбраната и натамошната соработка и сојузништво. Министрите упатиле честитки до Шекеринска за членството во НАТО и изразиле подготвеност за интензивирање на натамошната соработка.

Дополнително, се додава дека на маргините на Конференцијата Шекеринска имала одвоени средби со премиерот Албин Курти и шефот на дипломатијата на Косово Глаук Конјуфча, со парламентарниот потсекретар за безбедносна и одбранбена политика во Министерството за одбрана на Германија Петер Таубер како и со генералот Куртис Скапароти поранешен командант на американските сили и на Здружената команда на НАТО за Европа, сега во својство на претставник на меѓународната група Кохен која дава врвни експеризи од областа на одбраната и безбедноста.

На средбите станло збор и за новиот статус на Македонија како НАТО членка и постигнатиот прогрес и меѓусебната соработка во одбраната.

На Минхенската безбедносна конференција Шекеринска учествувала и на тркалезната маса под наслов „Нарушување на перцепциите со цел подобро лидерство”, чија тема била улогата на жените во политиката. Шекеринска притоа истакнала дека прогресот во родовата еднаквост не треба да се земе здраво за готово туку е потребна континуирана посветеност. Министерката рече дека жените во политиката често се изложени на вербално па дури и физичко насилство кои се закана за родовата еднаквост, стои во соопштението испратено од кабинетот на Шекеринска.

-Кога првпат влегов во Парламентот, бев само една од 7 жени. Ја видов пристрасноста зашто сум жена, зашто бев млада и зашто зборував отворено. Сега имаме Парламент со околу 40 проценти жени и да не беше системот на квоти кои го воведовме во 2002, ова немаше никогаш да биде реалност”, истакна министерката.