Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека доколку сакале можеле да сокријат дека кинеската компанија за производство на вакцини ни го вратила платениот капар.
Со исклучок на САД и Обединетото кралство сите други држави во НАТО се соочуваат со предизвикот како да обезбедат повеќе вакцини и побрзо. И во таа смисла сме дел од светскиот проблем, изјави денеска во Касарната Ѓорче Петров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
-Врската помеѓу вакцините и НАТО не мислам дека е најлогичната, но се разбира станува збор за прашање коешто има и безбедносни компоненти. Би рекла со исклучок на САД и Обединетото кралство сите други држави во НАТО се соочуваат со предизвикот како да обезбедат повеќе вакцини и побрзо. И во таа смисла сме дел од светскиот проблем, рече Шекеринска на новинарско прашање колку е дозволиво една држава членка на НАТО се уште да нема вакцини.
Додаде дека особено тешко е малите држави, кои кога ќе седнат со производителите се многу мал фактор, заради бројот на вакцини кои и се потребни на земјава.
– Едно маало да го вакцинират, меѓутоа затоа на масата е потешко да седнете дури и ЕУ во преговорите со производителите се соочи со сличен проблем и дури сега гледате дека се прават паралели што е она што функционирало кај поединечните земји, а што не профункционирало во европскиот механизам, изјави Шекеринска.
Ова е најважно прашање и за сите нас, додаде таа, и нагласи дека целта е набавка на функционална вакцина што поскоро.
На прашањето што точно ќе се преземе да се реши проблемот и за вратениот капар за кинеските вакцини, додека се усогласуваат деталите, Шекеринска посочи дека тоа не е во нејзиниот сегмент на работа, но нагласи дека Владата е транспарентна и не ги крие информациите од јавноста и проблемите со коишто се соочуваме.
– Сакам да зборувам за работи кои што целосно ги познавам и во кои сум учествувала, мислам дека најсоодветно е да не се мешаме во работи во којшто информациите ги имаме од Влада, но и од она што јавноста е достапна. Ако нешто можевте да забележите во изминатава година, и мислам дека тоа понекогаш може да нѐ прави и послаби, меѓутоа мислам како држава тоа е чекор во вистинска насока, тоа е дека никогаш информациите не ги криевме од јавноста, и кога се добри вести, и кога се лоши вести. Можеше ова да не го кажеме, за да добиваме помалку прашања, но тоа не е начин на кој функционира оваа Влада. Подобро е да ги кажеме проблемите со кои се соочуваме, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.