Македонија 03. март 2020. / 12:40

Шекеринска: Армијата подготвена да се справи доколку се повтори проблемот со мигрантите

Шекеринска: Армијата подготвена да се справи доколку се повтори проблемот со мигрантите

Изутрината почна да се шири информација која е комплетно неточна во поглед на насилство и проблеми на границата кај Битола, нагласи министерката за одбрана Радмила Шекеринска во врска со состојбата на јужната граница и додаде дека на тој начин не се штити државата, туку, на тој начин само се дефокусираат напорите на сите државни институции да се справувааат со тоа што стварно може да биде проблем.

Таа истакна дека состојбата на јужната граница е стабилна и дека армијата е подготвена да реагира превентивно и според сите можни сценарија и дека изминатиот викенд започнати се подготовките да се зголеми присуството на полицијата и армијата на пограничната линија поради настаните на турско-грчката граница со мигрантите.

-Во моментот притисокот на нашата граница не и изразен повеќе од претходно, главниот притисок е на грчко-турската граница. Факт е дека тоа предизвика одредено повлекување на грчките сили да се фокусираат на турската граница и тоа предизвика придвиживање на мигрантите кои веќе беа во Грција кон северот на Европската унија, истакна Шекеринска.

Министерката информираше дека со Фронтекс имаат комуникација и дека вчера на управувачкиот комитет побарале продолжување на ангажманот на полицијата од Фронтекс на нашата јужна граница.

Шекеринска рече дека на дебатите во Собранието се покажа дека како мнозинство биле во право кога се барало да се продолжи кризната состојба, а со тоа и ангажманот на војската на границата поради можноста да се повтори проблемот со мигрантите.

– Ги знаеме потребите, знаеме дека состојбата може да стане посериозна, имаме точно опративни планови и во полицијата и во армијата и согласно информациите на терен ќе ги носиме одлуките. Од вчера нивниот број е подигнат, рече Шекеринска.