„Нема ли Бугаринот очи?“ – оваа класична шовинистичка флосклуа во последните неколку денови, откако Бугарија јавно ги соопшти своите услови за наше членство во ЕУ, како да извира од устите на македонските леви интелектиуалци и политичари. Оваа реченица (иако не ми се допаѓа), ја извлекувам (со менување на нацијата на оној кој нема очи) од драмата на Шекпсир, „Венецијанскиот трговец“.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Власта на С. Македонија на 1 август 2017 година потпиша договор со Бугарија во кој се откажа од историјата на нашата земја пред 1944 година (која сега ни е заедничка, поточно Бугарска), го стави под знак прашалник независното постоење на „македонски јазик“ и се откажа од тоа дека во втората светска војна на ова парче земја имало „Бугарски фашистички окупатор“.
Деновиве, кога се интезивираа активностите за наше зачленување во ЕУ, Владата на Бугарија излезе со документ во кој бара имплеметацијата на овој договор да биде услов за почеток на преговорите на С. Македонија со Европската Унија.
По овој логичен след на настаните, наеднаш почнаа да доаѓаат пискотници од нашата влада и нејзините медиумско-интелектуални мегафони кои пред само 2 години не убедуваа дека договорот е одличен, ништо не му фали и ќе ни ги отвори вратите за ЕУ. Но, јас би сакал да им го поставам прашањето: Добро луѓе, што друго очекувавте? Обаче веќе сте потпишале!
Воопшто не ми доликува јас да ги бранам бугарските позиции (моите ставови за ова прашање се одамна јасни), но, дај да бидеме реални и да си признаеме дека она што го бараат бугарите е само имплементирање на она кое веќе го добиле! Да, самото постоење на комисија за „заедничка историја“ значи дека ние веќе сме се откажале од независноста на нашата историја. Прифаќајќи дека имаме заедничка историја, практично, нашата страна го прифаќа бугарскиот диктат, кој сега некако не ни се допаѓа.
Сакале ние или не, функционирале комисиите за историја или не, со својот потпис нашиот „Трговец од Муртино“ (Зоран Заев), веќе се откажал од сите овие работи и сега само бара модус да ги убеди научните од комисиите да капитулираат заедно со него.
Во посоченото Шекспирово дело, лихварот Шајлок, бара парче од месото околу срцето на трговецот Антонио од Венеција, покажувајќи дека тој веќе се откажал од тоа парче кога ги земал дукатите кои потоа не можел да ги врати.
Иста е и нашата ситуација, почитувани читатели. Веќе сме се откажале од нешто, а за жал реалната политика не е драма на Шекспир па на крај да се извлечеме од договорот за „лихва“. Сега, или ќе си ги трпиме последиците, или ќе го раскинеме договорот што пак ќе донесе свои последици.
На крај, би сакал да дадам одговор на првото прашање. Да, бугарите имаат очи и со нивните очи совршено не насанкаа преку нашиот алчен трговец, но прашањето е „Нема ли Македонецот очи?“, што остава работите да продолжат во овој правец?