Македонија 28. јуни 2018. / 15:35

Северна Грција збесна: Бараме референдум за договорот за името

Северна Грција збесна: Бараме референдум за договорот за името

Северниот дел на Грција бара референдум за името. Вчера на проширениот состанок во Солун, локалните власти ги повикаа Владата и политичките партии да не го ратификуваат договорот со Македонија најавувајки иницијативи и вон границите на Грција. Целта била да се известат јавноста но и лидерите на странските земји и шефовите на меѓународните организации за „прашањето со Скопје”, објави Алфа.

Регионалниот Совет на областа централна Македонија во присуство на 258 претставници на локалната самоуправа од Северна Грција, 15 митрополити и 90 претставници на различни институции, објави резолуција која ќе се достави до грчката влада и до политичките партии.

– Ниту една грчка влада во минатото не призна „македонска“ националност или „македонски“ јазик, кои што се коренот на иредентизмот на нашите соседи. Бараме од владата да одржи референдум за „Договорот од Преспа“ за да им се даде на граѓаните законското право да го ратификуваат или да го отфрлат овој договор што се однесува на важно национално прашање, на историјата и на културата на Грција, пишува во резолуцијата.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, денеска сигурен дека Договорот од Преспа сепак ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент од мнозинството пратеници.

– Нема шанси да не се изгласа во Парламентот. Јас лично му објаснив на Каменос и ќе продолжам да го имам овој став дека Уставот предвидува 180 гласови за договор за отстапување на национален суверенитет. Ние не отстапуваме национален суверенитет. Имаме договор за промена на името и на Уставот на трета земја, вели Коѕијас.

Вчера пратеник на партијата Независни Грци чиј лидер е ПаносКаменос, ја напушти коалицијата на Ципрас и сега мнозинството е сведено само на 152 пратеника.

Во меѓувреме Коѕијас се соочува закани по животот. Денеска се пожали дека имал добиено 800 писма со закани до него и неговото семејство, кутии полни со крв и кутии со почва полеана со крв.

– Имам добиено различни големини на куршуми. Каде е обвинителот? Овде немаме само клевета, овде имаме кривични дела што стигнуваат до злосторство. Ова се тешки злосторства, според грчките закони, за кои не гледам некој да реагира, вели шефот на Грчката дипломатија.

И додека Коѕијас се соочува со закани, Владата на премиерот Ципрас стои на стаклени нозе. Синоќа и лидерот на Потами, Ставрос Теодоракис ја отфрли можноста за здружување со Владата на Сириза.