Македонија 22. мај 2019. / 16:02

Седницата за мандатот на Груевски закажана за утре во 11 часот

Седницата за мандатот на Груевски закажана за утре во 11 часот

Павле Богоевски, како претседател на Комисијата за деловнички и имунитетно-мандантни прашања за утре во 11 часот ја закажа седницата на која треба да се одлучува за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски, објави Канал5.

Но, опозицијата го оспорува неговиот кредибилитет по скандалот со нелегална набавка на наркотици.

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ допрва ќе се координираат дали утре ќе побараат одземање на Богоевски од претседателската функција во комисијата, а се уште немаат прецизен став и како ќе гласаат по предлогот да му се одземе мандатот на поранешниот премиер и претседател на ВМРО ДПМНЕ.

За пратениците од парламентарното мнозинство најважно за утрешната седница е да се задржи фокусот на Груевски, без одговор дали Богоевски има кредибилитет да ја води комисијата.

По признанието дека нелегално набавувал, како што самиот тврди, масло од канабис, Богоевски досега одбива да се изјасни по повиците во јавноста за негова оставка од пратеничката функција.

Во меѓувреме, обвинителството и МВР по негова пријава работат на утврдување на идентитетот на таксистот што наводно го снимал пратеникот како и на сопственикот на профилите на социјалните мрежи каде беше објавен телефонскиот разговор.